Македонскиот интернационалец Албан Таипи кариерата ја продолжува во Украина, каде што ќе го носи дресот на Кудривка.
Таипи во изминатиот период настапуваше за Арсими, каде што пристигна во февруари минатата година од Детонит Плачковица. За една година во тимот од Чегране влезе во одлична форма и беше еден од клучните играчи во историскиот успех – пласман од Втора во Прва лига.
Во есенскиот дел од актуелната сезона постигна шест голови и запиша две асистенции, потврдувајќи ја својата важна улога во тимот.
Покрај Арсими и Детонит Плачковица, Таипи во македонскиот фудбал настапуваше и за Беса Добри Дол и Ренова, додека интернационално искуство стекна и во Унгарија, бранејќи ги боите на Халадаш и Сентлеринц.
22-годишниот Таипи беше претставен на еден интересен начин преку видео на кое зборува на украински јазик. Инаку Таипи е на подготовки со новиот тим во Турција.
Со трансферот во Украина, Таипи отвора ново поглавје во својата кариера и добива нова можност за докажување на меѓународната сцена.