Поради немање технички услови за одигрување на натпреварот на стадионот во Неготино, екипата на Вардар Неготино побара од управата на Брегалница пријателската средба да се одигра во Штип.
Барањето е прифатено, па утрешниот контролен натпревар ќе се игра на Градски стадион Штип со почеток од 14:00 часот.
Овој дуел ќе претставува „генералка“ за двете екипи пред стартот на пролетниот дел од шампионатот во Втората македонска фудбалска лига.
„Известување за јавноста. Поради немање технички услови за одигрување на натпреварот на стадионот во Неготино, екипата на Вардар побара од нашата управа да го одиграме утрешниот натпревар во Штип. Барањето го прифативме, па ја известуваме јавноста дека пријателскиот натпревар утре (14.02) против Вардар Неготино ќе се одигра на „Градски“ во Штип со почеток во 14:00часот. Овој натпревар практично претставува „генералка“ пред почетокот на продолжението од првенството во ВМФЛ“, се вели во соопштението на ФК Брегалница.
Од фудбалскиот клуб Вардар Неготино истакнаа дека целта за натпреварот да се одигра во Штип, наместо во Неготино е поради тоа што сакаат теренот на Градскиот стадион во Неготино да биде во што подобра состојба.
„Немањето на технички услови за Неодигрувањето на натпреварот во Неготино на „Цвај Арена“ е затоа што стадионот сакаме да го оспособиме за што подобро натпреварување на домашен терен. Благодарност до ФК Брегалница за разбирањето“, се вели во соопштението од неготинскиот второлигаш.
Пролетниот дел во Втората лига започнува на 21 февруари. Во рамки на првото пролетно коло, Брегалница ќе гостува кај Кожуф во Гевгелија, додека Вардар Неготино ќе има тешко гостување во Тетово против Тетекс.
Штипјани ќе атакуваат на самиот врв и пласман во Првата лига, додека за Вардар Неготино следува „жешка“ пролет во која главната цел ќе биде обезбедување опстанок во второлигашката конкуренција.