Брегалница го затвори зимскиот преоден рок со ангажманот на Никола Талески, кој ќе ја засили конкуренцијата во нападот за пролетниот дел од сезоната во Втората лига. Со неговото доаѓање, штипскиот состав го заокружува ростерот со кој ќе атакува на највисок пласман.
Талески е 20-годишен, физички моќен напаѓач кој пристигнува од Слога Виница, а во својата досегашна кариера го носеше дресот и на Брера, Победа и Беласица. Во клубот веруваат дека неговата младост и енергија ќе донесат дополнителна опција во офанзивниот дел од тимот.
Брегалница зимава беше активна на трансфер-пазарот. Откако вчера Спортска Мрежа ексклузивно објави за договорот со Аљбан Мемеди, „сините“ претходно ги обезбедија и потписите на Костадин Капсаров, Јорданчо Наумоски и Бојан Рајков, со што сериозно ја зголемија конкуренцијата во сите линии.
Штипјани презимуваат на третото место на табелата во Втората лига и јасно најавуваат амбиции за врвот. Пролетниот дел од шампионатот Брегалница го отвора со гостување во Гевгелија против Кожуф, меч кој може да биде важен чекор во трката за самиот врв.