Оваа недела носи е важна за македонскиот репрезентативен фудбал – ждрепката за новото издание на Лигата на нации, која ќе се одржи во Брисел. Националниот тим на Македонија, предводен од селекторот Гоце Седлоски, за првпат ќе биде дел од Лига Б, што е потврда за квалитетот и резултатите остварени во претходниот циклус.
Извлекувањето е закажано за во четврток од 18:00 часот, а македонската А репрезентација ќе ја чека ждрепката од четвртиот шешир во Б сегментот. Репрезентацијата на Македонија нема да може да се соочи со Шведска, Северна Ирска и Косово.
Лига Б
Прв шешир: Шкотска, Унгарија, Полска, Израел
Втор шешир: Швајцарија, БиХ, Австрија, Украина
Трет шешир: Словенија, Грузија, Република Ирска, Романија
Четврти шешир: Шведска, Македонија, Северна Ирска, Косово
Капитенот Енис Барди истакна дека настапот во повисок ранг е резултат на добрите игри во Лига Ц.
„Самите се доведовме во позиција да играме во поквалитетен сегмент. Го заслуживме тоа со прикажаното во Ц лигата. Лига Б носи силна конкуренција, но токму тоа е предизвик. Без разлика кој ќе ни биде противник, мора да бидеме подготвени физички и ментално и да го задржиме високиот ритам на секој натпревар“, изјави Барди.
Капитенот додаде дека новиот циклус е можност за дополнително докажување.
„Има противници со кои досега не сме се сретнале, како Швајцарија. Ова е нова шанса за сите нас, со нова енергија и силен мотив да покажеме дека припаѓаме на ова ниво и да се бориме за позитивни резултати. Конкуренцијата е силна, но веруваме во нашиот квалитет и без разлика на ривалите, мора да одиграме на високо ниво“, порача Барди.