Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Бехар Фета, продолжува со одличните настапи во дресот на словенечкиот Алуминиј. Македонскиот интернационалец на 20 одиграни натпревари има постигнато седум погодоци и забележано три асистенции, со што се наметна како еден од клучните играчи на својот тим.
22-годишниот Фета досега има минато 1.705 минути на теренот, што е јасен показател за неговата стабилна форма и континуираната доверба што ја добива во словенечкиот клуб.
Ваквите настапи не останаа незабележани, па интерес за Фета веќе покажуваат италијанска Џенова и хрватскиот гигант Динамо Загреб. Македонскиот фудбалер беше стрелец и на денешниот натпревар против Мура, во кој Алуминиј забележа убедлива победа од 0:3 на гостински терен.
Токму Фета го отвори резултатот со погодок од пенал во 12. минута, носејќи му рано водство на својот тим. Според информации на Спортска Мрежа, на овој натпревар биле присутни скаути од Џенова и Динамо Загреб, што дополнително ги засилува најавите дека Фета би можел во летниот преоден рок да направи чекор напред во кариерата и да ја промени средината.
Фета кариерата ја започна во Фортуна, потоа настапуваше за Њу Старс и Шкендија од Тетово, по што се пресели во Воска Спорт од Охрид. Со охридскиот клуб оствари значаен успех, обезбедувајќи пласман од Втора во Прва лига, по што следуваше трансфер во Марибор. Во Словенија настапуваше и за Домжале, а моментално со голем успех го носи дресот на Алуминиј.