Вардар продолжи со импресивните настапи во домашната Супер лига, откако во 12. коло без проблеми го совлада Куманово со 30-20. Со оваа победа, „црвено-црните“ ја сочуваа лидерската позиција на табелата со пет бодови предност пред второпласираниот Охрид.
Натпреварот започна динамично, а Вардар брзо постави предност од 4-5 гола. Тренерот Иван Чупиќ веднаш го искористи моментот и ја ротираше поставата, па резервистите ја зголемија предноста на 13-6. Во второто полувреме, домаќините продолжија да диктираат играта – во 36. минута водеше со 18-8, а во 38. минута со 19-8. Куманово постигна својот десетти гол дури во 41. минута, но не успеа да ја намали разликата.
Враќањето на Мигуел Еспиња меѓу стативите беше клучно – тој имаше неколку фантастични интервенции. Исто така, во составот на ,,црвено- црните” се врати и Милан Лазаревски, после подолгата пауза поради повреда. Најефикасен кај Вардар беше Јака Малус со 8 гола, следен од Дмитро Горига со 5, а по три погодоци постигнаа Боно, Гергиевски и Пинто. Кај Куманово, Тоше Ончев беше најдобар со десет гола.
Во редовниот дел на играта четворица играчи на Вардар останаа на трибините: новото засилување Жоао Педро, заедно со Кеита, Валах и Кавада. Куманово се соочи со повреди и ограничен избор на стрелци – Давид Димевски, најдобриот стрелец од минатата сезона, играше само дел од првото полувреме поради повреда.
Вардар сега се фокусира на наредните четири натпревари во Лига Европа против Мелсунген и Бенфика, како и на дуелот од домашното првенство против Автокоманда. Куманово ќе се бори за опстанок во лигата, веројатно во директна конкуренција со Струга, додека Радовиш останува на последната позиција.
Во следното коло, Вардар гостува кај Бутел, а Куманово го пречекува Охрид.