Детонит Плачковица го враќа Дарко Алексовски популарниот Пеле во своите редови, радовишани добиваат играч со голем квалитет за пролетниот дел од сезоната во Втората македонска фудбалска лига.
Алексовски во радовишкиот второлигаш доаѓа од редовите на второлигашот Брегалница, каде по шест месеци се раздели со штипскиот тим и доаѓа во добро познат средина каде во минатото со голем успех го носеше дресот на Детонит Плачковица.
Низ својата кариера 35-годишниот Пеле покрај за Детонит Плачковица и Брегалница, настапуваше и за Каменица Саса, Вардар Неготино, Осогово, Силекс, Кит Го од Пехчево, Баби, како и за тимот на Модрича од Босна и Херцеговина.
По неговото заминување од Брегалница, како што дознава Спортска Мрежа, Алексовски имал доста понуди, а тој се одлучи да ја прифати понудата од Детонит Плачковица и да се врати во редовите на радовишкиот тим.
Пеле за Детонит Плачковица настапуваше во период од август 2022 до јуни 2023 година, а сега се враќа одново на Градскиот стадион во Радовиш, каде ќе соработува со штипскиот стратег Горан Здравков.