Македонските фудбалски екипи полека ги привршуваат зимските подготовки во Анталија, каде што преку серија пријателски натпревари ја темпираа формата за продолжението на ПМФЛ.
Силекс остави најпозитивен впечаток во последните контроли, откако забележа победа од 2:1 против грузискиот Динамо Батуми. Кратовци прикажаа солидна игра, а стрелци на головите беа Мигуел Пиреш и Илија Донов, што е охрабрувачки сигнал за стручниот штаб на Александар Васоски во пресрет на пролетниот дел од сезоната.
Актуелниот шампион Струга Трим Лум, пак, го одигра последниот тест во Турција со пораз од рускиот Сочи (2:1). Средбата беше искористена за ротација на составот и проверка на формата на поширокиот ростер, по што стружани го завршија престојот во Анталија и се вратија во Македонија.
Тиквеш ја заокружи турската турнеја без пораз, откако во последниот контролен натпревар ремизираше без голови против Кизилкум. Кавадарчани во Анталија запишаа една победа и две нерешени средби, што укажува на стабилност и солидна подготвеност за продолжението на шампионатот.
Пелистер, од друга страна, не успеа да дојде до посакуван резултат на последниот тест, губејќи минимално со 0:1 од узбекистанскиот Пахтакор. Битолчани примија гол во првото полувреме, а и покрај обидите во продолжението, не успеаја да ја променат сликата на теренот. Со овој натпревар, Пелистер ги заврши подготовките во Турција, каде претходно одигра и неколку тешки дуели со реномирани противници.
Најдолго во Анталија останува Вардар, кој допрва треба да го одигра последниот пријателски натпревар против Сараево, по што и „црвено-црните“ ќе се вратат дома за финалните подготовки пред рестартот на сезоната.