Македонското фудбалско судење добива уште едно силно меѓународно признание. Фудбалскиот судија Бењамин Ќерими ќе учествува на престижниот UEFA CORE (Centre of Refereeing Excellence) курс, наменет за млади и перспективни судии од цела Европа, кој ќе се одржи во Нион – седиштето на УЕФА.
Станува збор за UEFA Core 63, програма за развој и усовршување на судењето, која е дел од долгорочната стратегија на УЕФА за создавање на идните меѓународни и ФИФА судии. Курсот се одвива во две фази, при што првата сесија ќе се одржи од 17 до 24 март 2026 година, додека втората, завршна сесија е закажана за октомври 2026 година.
На курсот ќе учествуваат 24 судии од 12 европски држави, по еден главен и еден асистент судија од секоја земја. Македонија ќе биде претставена од Бењамин Ќерими како главен судија, додека Борис Трајков ќе настапи во улога на асистент судија.
Државите учеснички на UEFA CORE 63 се:
Македонија, Англија, Холандија, Италија, Шкотска, Унгарија, Полска, Босна и Херцеговина, Хрватска, Молдавија, Малта и Финска.
UEFA CORE програмата е под водство на елитни судиски контролори и поранешни истакнати FIFA судии, а целокупната организација е на највисоко ниво од страна на УЕФА. Во рамки на курсот, учесниците минуваат низ интензивни теоретски предавања, практични тренинзи, видео-анализи, физички тестови, работа на терен и полагања, со посебен фокус на: контрола на натпревар, справување со сериозни прекршоци, управување со конфликти, тимска работа меѓу судиите, физичка подготвеност, животен стил и комуникација на англиски јазик, како официјален јазик на УЕФА.
Програмата CORE е активна од 2010 година, а досега речиси 300 судии и асистенти поминале низ неа, при што повеќе од 60 веќе се промовирани на FIFA интернационалните листи, што ја потврдува нејзината важност и кредибилитет.

Изборот на Бењамин Ќерими претставува големо признание за неговата досегашна работа, квалитет и потенцијал, но и потврда за напредокот на македонското фудбалско судење на европската сцена.
Ќерими упати и голема благодарност до претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, како и до Јосип Бартон, претседател на Комисијата за делегирање судии при ФФМ, за укажаната доверба и поддршка.
Ќерими ја истакна благодарноста за поддршката и до претседателот на ОФС Гази Баба, Дарко Костовски.
Со учеството на UEFA CORE курсот, Бењамин Ќерими добива можност да направи значаен чекор кон меѓународна судиска кариера, а македонскиот фудбал уште еднаш се позиционира на мапата на европските фудбалски перспективи.