Фудбалерот на Вардар, Роџерс Кассим Мато, ја продолжува својата кариера во Шкотска, откако беше постигнат договор со екипата на Хартс. Интернационалецот од Уганда ќе настапува како позајмен играч до крајот на сезоната, по што автоматски ќе стапи на сила долгорочниот договор што го има потпишано со клубот од Единбург.
Првичниот план беше Мато да му се приклучи на Хартс од следната сезона како слободен играч, но поради повредата на еден од клучните напаѓачи во шкотскиот тим, клупското раководство одлучи да реагира веднаш и да го донесе фудбалерот уште во текот на зимскиот преоден рок. По постигнатиот договор меѓу двата клуба, Мато веднаш ќе му биде ставен на располагање на лидерот во шкотската Премиер лига.
Младиот 22-годишен офанзивец остави силен печат во дресот на Вардар со своите настапи во ПМФЛ, а добрата форма ја потврди и на меѓународна сцена, каде настапи на Африканскиот Куп на Нации и успеа да се запише меѓу стрелците.
Вардар со оваа зделка ќе инкасира и финансиски надомест за позајмицата, а клубот официјално ја потврди зделката преку соопштение.
„ФК Вардар АД ја информира јавноста дека фудбалерот Роџерс Кассим Мато ќе настапува за Хартс (Шкотска) како позајмен играч до крајот на сезоната. Му посакуваме многу успех и среќа во новиот предизвик.“
Со свое официјално обраќање излезе и шкотскиот клуб, посакувајќи му добредојде на Мато.
„Со големо задоволство го објавуваме ангажманот на Роџерс Мато. Тој ни се приклучува како позајмен фудбалер од Вардар до крајот на сезоната, по што во јули ќе започне да важи неговиот тригодишен договор.“
Со овој трансфер се става крај на приказната на Мато во Вардар, а пред него е ново поглавје во кариерата и шанса да се докаже на една од најсилните сцени во европскиот фудбал.