Ракометната репрезентација на Шведска не успеа да ја искористи шансата што ѝ се отвори во главната рунда на Европското првенство и во вистински трилер одигра нерешено 32-32 против борбената Унгарија. Наместо чекор напред кон полуфиналето, домаќините си создадоа сериозни главоболки пред последното коло.
Натпреварот понуди сè – израмнета игра, постојани промени во резултатот и кулминација во последните секунди. Во поголемиот дел од мечот ниту една селекција не успеваше да се одлепи, а разликата ретко кога беше поголема од еден гол. Шведска во финишот успеа да поведе со два разлика, но Унгарците покажаа карактер и се вратија кога беше најпотребно.
Клучниот момент се случи во самиот финиш. По офанзивна грешка на Унгарија, шведскиот голман Андреас Паличка доби можност да ја реши средбата со шут на празен гол. Сепак, топката заврши покрај стативата и салата замолкна – бодовите беа поделени.
Со ова реми, Шведска се најде во незавидна позиција. Наместо сама да одлучува за својата судбина, сега мора да победи во последното коло и истовремено да чека поволен расплет на другите натпревари. Поразот од Исланд од претходното коло дополнително ја комплицира ситуацијата, бидејќи секое ново бодовно изедначување може да оди на нејзина штета.
Унгарија, пак, иако веќе без реални шанси за полуфинале, уште еднаш покажа дека е незгоден ривал и со борбена игра успеа да „украде“ бод од фаворитот. Европското првенство продолжува во драматичен ритам, а последното коло ветува нови пресметки и калкулации – особено за Швеѓаните, кои од сигурна позиција сега влегоа во зона на неизвесност.