Ракометната репрезентација на Швајцарија одигра храбар и зрел натпревар против фаворизираниот Исланд и со ремито 38-38 во Малме сериозно ја искомплицира битката за пласман меѓу најдобрите четири на Европското првенство. Овој резултат најмногу им оди во прилог на Хрватска и Словенија, кои остануваат во игра за полуфиналето.
Натпреварот понуди вистинска драма од првата до последната минута. Швајцарците во најголемиот дел од мечот имаа минимална, но константна предност, покажувајќи дека неслучајно стигнаа до главната фаза. Исланд, пак, се потпираше на индивидуалниот квалитет и брзата транзиција, но никако не успеваше да направи решавачки исчекор.
На полувреме резултатот беше израмнет (19-19), а слично сценарио гледавме и во продолжението. Швајцарија во неколку наврати побегна на три гола разлика, но „рибарите“ не се предадоа и со серија голови се враќаа во егал. Клучниот момент се случи во самиот финиш, кога двете селекции имаа напади за победа, но ниту една не успеа да реализира.
На крајот бодовите беа поделени, резултат кој за Исланд може да значи голем проблем во трката за полуфинале, додека Швајцарците уште еднаш покажаа дека знаат да им поматат сметки на фаворитите. Најефикасен кај Швајцарска беше Ноам Леополд со седум голови, додека кај Исланд се истакнаа Видарсон и Торкелсон со по осум погодоци.
Последното коло ќе даде одговор кому ќе му се насмевне полуфиналето, но јасно е дека ремито во Малме целосно ја „замрси“ групата.