Второлигашот Осогово денес ги започна зимските подготовки за пролетната полусезона во Втората македонска фудбалска лига. Со првата прозивка на шефот на стручниот штаб Крсте Крстев се собраа фудбалерите и беше одржан првиот состанок во соблекувалната.

По одржувањето на состанокот на кој Крстев го соопшти планот за подготовки, пријателски натпревари, фудбалерите излегоа на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани и го одработија првиот тренинг.
Во пријатна и позитивна атмосфера „жетварите“ ќе целат кон директен опстанок во Втора лига, а за таа цел како што веќе најави Спортска Мрежа, а Осогово потврди нови имиња се Филип Димоски и Алпај Јусуф. Од клубот засега замина само Владимир Жоглев.

Пролетниот дел Осогово го отвара на домашен терен во дербито на Истокот со Каменица Саса.

Осогово закажа неколку пријателски натпревари за проверка на формата. Првиот тест е закажан за 24 јануари (сабота), кога Осогово на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани ќе се соочи со Детонит Плачковица. Четири дена подоцна, на 28 јануари (среда), кочанчани ќе гостуваат во Скопје кај Аеродром 2018, клуб кој настапува во Третата лига – Север.
Следниот контролен натпревар е предвиден за 31 јануари (сабота) против Беласица, додека најатрактивниот дуел ќе се одигра на 7 февруари (сабота), кога Осогово повторно на домашен терен ќе ги одмери силите со есенскиот шампион во Прва лига, скопски Вардар. Генералката е планирана за 13 февруари (сабота) против Вардар Неготино.