Тетекс без многу мака стигна до нова победа откако на домашен терен со 8:0 славеше над Напреок во рамки на 9. коло. Дербито на некогашните прволигаш заврши со висока победа за „штофарите“ кои лани испаднаа од Втората лига, а сега сакаат експресно да се вратат во второлигашкото друштво.
Победата беше најавена уште во првиот дел од мечот кога тетовскиот тим имаше три гола предност на полувреме, па во вториот дел беше рутина за Тетекс.
Ерјон Елмази постигна хет-трик, двапати погоди Меритон Салији, а по еден гол постигнаа Ивица Ангелески, Азис Јамини и Антонио Ѓорѓевски.
Деветтата рунда донесе уште една висока победа во која Џепчишти со 6:1 го торпедираше тимот на Вардар Брвеница на свој терен. Ментор Саљиу постигна четири гола и со тоа изби на првото место на листата на најдобри стрелци, а пак двоен стрелец беше Беким Садики. За гостинскиот тим во 81. миунта погоди за Даниел Радески за конечни 6:1.
Висока и сигурна победа славеше Дрита над Добришти, во меч кој се одигра во Боговиње паднаа осум гола за конечните 5:3.
Домашниот тим натпреварот го реши уште во првиот дел кога имаше три гола предност, а во вториот дел гостинскиот тим се обиде да се наметне, но не успеа.
Хузри Џемаили постигнат хет-трик, по еден гол постигнаа Бленд Џемаили и Адриан Исмаили. За гостинскиот тим голгетерот Бетим Етеми беше двоен стрелец, а еден гол постигна Харис Сулимани.
Денес ќе се комплетира деветтата рунда.