Ракометниот клуб Прилеп и официјално ги започна подготовките за вториот дел од сезоната во македонската Супер лига. Првиот тренинг беше одржан во позитивна атмосфера, со јасен фокус на дисциплина, енергија и максимална посветеност, како најава за предизвиците што следуваат во пролетниот дел од првенството.
Подготовките стартуваа во отсуство на шефот на стручниот штаб, Наум Танески, кој во овој период е ангажиран со сениорската репрезентација на Македонија како дел од стручниот тим на селекторот Кирил Лазаров на Европското првенство. Во меѓувреме, работата со екипата ја води неговиот асистент Методија Петлески, кој ќе биде задолжен за тренажниот процес во воведната фаза.
Прилепчани ќе тренираат на домашен терен, во салата „Ристе Ристески – Ричко“, каде што е планирано и одигрување на неколку контролни натпревари со цел екипата подготвена да го дочека продолжението од шампионатот.

По одиграните 18 кола, РК Прилеп ја заврши есенската полусезона на осмата позиција со 16 освоени бодови и ќе ја продолжи борбата за пласман во плеј-офот, со јасна амбиција да остане конкурентен до самиот крај.
Од клубот порачуваат дека чекор по чекор ќе се гради формата и тимската игра, со верба дека вложениот труд ќе донесе резултати кога ќе започнат официјалните натпревари.