Прволигашот Башкими официјално ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната, испраќајќи јасна порака дека тимот е подготвен со зголемена енергија, мотивација и верба да тргне кон остварување на зацртаните цели во пролетниот дел.
Првата фаза ќе се реализира во Куманово, каде што екипата ќе престојува до 23 јануари. Во овој период, стручниот штаб ќе работи на физичката подготвеност, тактичката стабилност и подобрување на тимската организација.
Тренерот Блаже Јанакиевски најпрво имаше состанок со играчи, а потоа беше одработен и првиот тренинг со што беше означен почетокот на зимските подготовки за вториот дел од сезоната.
По завршувањето на првата етапа, Башкими од 23 јануари до 4 февруари ќе ги продолжи подготовките во Хрватска. Таму екипата ќе ја одработи втората фаза, која ќе биде искористена за дополнително темпирање на формата и воигрување на составот пред продолжението на првенството.
Од клубот потенцираат дека целта на целокупниот подготвителен процес е максимално квалитетни настапи во пролетниот дел од сезоната и исполнување на амбициите што ги има раководството. Воедно, најавено е дека во наредните денови јавноста ќе биде информирана и за новите засилувања кои ќе му се приклучат на тимот за продолжението од сезоната.