Македонската репрезентација ќе ја заврши серијата контролни натпревари со дуел против данскиот прволигаш Митјиланд, закажан за 13 Јануари во Хернинг од 19:00 часот.
Овој меч ќе биде генерална проба за избраниците на селекторот Кирил Лазаров пред настапот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.
Претходно, нашата селекција ќе одигра контролни дуели со Бахреин, Украина и Швајцарија во рамки на турнирот во Цирих, откако претходно веќе одигра две пријателски средби против Хрватска.
Програмата на подготовките продолжува во интензивен ритам – репрезентативците денеска работат на тренинзи, додека вторник е планиран како слободен ден пред патувањето во среда.
Митјиланд минатата сезона настапуваше во данската елита, а моментно игра во прволигашката конкуренција каде се наоѓа на петтата позиција на табелата.
Македонија својот настап на Европското првенство ќе го започне на 16 Јануари во салата „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг против домаќинот Данска во термин од 20:30 часот, по што ќе следат натпреварите со селекциите на Португалија и Романија.