Иако има само 15 години, Изабела Зајков од Радовиш веќе поседува спортска биографија со која ретко кој млад спортист може да се пофали. Родена на 6 октомври 2010 година, таа денес важи за едно од најперспективните и најреспектабилни имиња во македонските боречки спортови, со забележителни успеси на Балкански, Европски и светски натпревари.
Својот спортски пат Изабела го започнува во 2021 година, на само 11-годишна возраст, кога ги прави првите чекори во бразилско џиу-џицу во клубот Будо од Кавадарци. Нејзиниот талент, дисциплина и посветеност брзо доаѓаат до израз, па за помалку од шест месеци станува државен првак во БЏЏ во пионерска конкуренција.
Во 2023 година, Зајков го проширува својот спортски развој и започнува со борење во редовите на БК Бучим од Радовиш. Истата година освојува државна титула, со што обезбедува место во македонската репрезентација и настапи на Балкански и Европски првенства. Паралелно, таа продолжува активно да се натпреварува и во бразилско џиу-џицу, а неодамна го збогатува својот репертоар и со кикбокс.

Од 2022 година наваму, Изабела е редовен учесник на големи меѓународни турнири, од кои се враќа со значајни резултати и вредни медали. Меѓу најистакнатите успеси се сребрениот медал на AJP Europe Continental 2023 во Истанбул, четири освоени медали и златен појас на престижниот NAGA Detroit во САД (Gi и No-Gi дисциплини), како и златен медал на ABU DHABI World Tour Rome во Италија.

Зад нејзиниот континуиран напредок стои силна семејна поддршка, а особено нејзиниот татко, кој е нејзин најголем мотиватор и активен учесник во нејзиниот спортски развој.
Погледот на Изабела е јасно насочен кон иднината и кон ММА (Mixed Martial Arts) како следен, сериозен чекор во нејзината кариера. На 4 јануари 2026 година таа заминува на 30-дневни подготовки во светски реномираниот ММА камп Tiger Muay Thai во Тајланд, под покровителство на нејзиниот нов клуб Team Carvalho од САД.

Станува збор за клуб кој веќе започна со работа и во Македонија, поточно во Радовиш, а во наредниот период Спортска Мрежа ќе објави повеќе детали околу неговото функционирање и условите за сите заинтересирани за овој спорт.
Со својата посветеност, резултати и јасна визија, Изабела Зајков се профилира како сериозен кандидат за меѓународна спортска кариера и како вистинска инспирација за младите спортисти во Македонија.