Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, оствари средба со еден од најреномираните македонски фудбалски тренери во меѓународни рамки – Влатко Андоновски. Средбата помина во пријателска атмосфера, исполнета со разговори за фудбалот, развојот на играта и искуствата стекнати на највисоко светско ниво.
Андоновски, кој е роден во Скопје, од 2000 година ја гради својата кариера во Соединетите Американски Држави. Тренерскиот пат го започна во Канзас Сити, каде што оствари значајни успеси, а во 2019 година беше назначен за селектор на женската фудбалска репрезентација на САД – една од најсилните селекции во светот. На таа позиција се задржа до 2023 година.
Во рамки на средбата, Омерагиќ и Андоновски си разменија дресови од Македонија и Канзас, симболично истакнувајќи ја поврзаноста меѓу македонскиот и американскиот фудбал.
По средбата, првиот човек на ФФМ се огласи и на социјалните мрежи, каде го сподели своето задоволство од разговорот со Андоновски.
„Драга средба со Влатко Андоновски, поранешниот селектор на женската селекција на Соединетите Американски Држави и тренер во Канзас. Секогаш е убаво кога со наши успешни луѓе споделуваме размислувања за играта што нè направи тоа што сме. Се надевам следната средба ќе биде во „неговиот“ Канзас, каде фудбалот ќе звучи малку поинаку, ама ќе го чувствуваме исто. ФИФА Светско првенство 2026…продолжуваме, веруваме“, напиша Омерагиќ.
Средбата уште еднаш ја потврди силната врска на македонските фудбалски работници со светската сцена и важноста на размената на искуства со докажани имиња во меѓународниот фудбал.