Ивана Пројковска, доби уште едно големо меѓународно признание од Судиската комисија на УЕФА. Нашата најдобра меѓународна судијка е делегирана за главен судија на натпреварот од групната фаза во женската Лига на шампионите меѓу екипите на Олимпик Лион и Атлетико Мадрид, кој ќе се одигра на 17 декември во Лион.
Пројковска ќе има и македонска поддршка на теренот, бидејќи прв помошник судија ќе биде Елена Соклевска – Илиевски, додека втор асистент ќе биде Словенката Саша Спур. Улогата на четврти судија му е доверена на Александра Чесен, исто така од Словенија.
Оваа делегирање е уште еден јасен показател за големата доверба што УЕФА ја има во судиските квалитети на Ивана Пројковска, која се наоѓа во елитната група од 20 најдобри судијки во Европа. Нејзиното континуирано присуство на највисоката сцена е потврда за нејзината професионалност, авторитет и меѓународен углед.
Претходно, Пројковска стана првиот судија од Македонија кој судел натпревар на афричкиот континент, откако претходно беше и прв судија од Македонија кој делел правда и во Јужна Америка.
Во однос на натпреварот, Олимпик Лион се наоѓа на делба на првото место во групата заедно со Барселона, со по 13 бодови, додека Атлетико Мадрид моментално е на 11. позиција со седум бодови.
Во женската Лига на шампионите настапуваат 18 екипи, при што првите четири обезбедуваат директен пласман во четвртфиналето, екипите пласирани од петтото до дванаесеттото место продолжуваат во осминафиналето, додека тимовите од 13-тото до 18-тото место ја завршуваат својата европска сезона.