Седмото коло од Првата женска кошаркарска лига донесе доминација на фаворитите и високи победи на гостински терен. Крива Паланка, Баскет Кам и Вардар ги потврдија високите амбиции, додека Пробаскет и Спорт тим немаа сили да парираат на водечките екипи.
- Пробаскет – Баскет Кам 50:69
Бранителот на титулата Баскет Кам се враќа од Кавадарци со важен триумф и со одлично второ полувреме го скрши отпорот на домаќинот.
Првите 20 минути поминаа во израмнета битка (31:31), но продолжението беше во знакот на гостинската дефанзива. Кошаркарките од Македонска Каменица ја затворија рекетот, целосно ја исклучија од игра американската предводничка на Пробаскет – Кајла Томас, која заврши со само четири поени, и ја презедоа контролата врз натпреварот.
Кметовска беше најрасположена за игра со 18 поени, Димова забележа успешен камбек со 16 поени и осум скока, додека Адамовска придонесе со 15 поени и шест асистенции.
Кај домаќинот се истакна Јовановиќ со 18 поени, но тоа не беше доволно да се задржи чекор со лидерите.
- Спорт тим – Крива Паланка 51:97
Крива Паланка уште еднаш ја демонстрира својата моќ и го потврди лидерското место со убедлива победа на гостувањето во Неготино.
Гостинките уште во првото полувреме обезбедија огромна предност (23:57), по што продолжението беше само формалност. Тимот на Спорт тим немаше одговор за агресивната игра и брз проток на топката на лидерот.
Груевска повторно блескаше со 31 поен и извонредна реализација во рекетот. Пул додаде 16 поени, Алексовска 14, а Ниехуес се доближи до дабл-дабл со 11 поени и девет скока.
Лукиќ со 18 поени беше најдобра кај домаќинот, кој останува со само една победа.
- Патриот 2016 – МЗТ Бела Вода 53:92
„Фенерџијата“ Патриот од Делчево и натаму останува на дното како единствен тим кој нема позитивен резултат односно има седум порази во низа, откако загуби на свој терен од МЗТ Бела Вода со 53:92.
- Бадел 1862 – Вардар 74:85
Екипата на Бадел не успеа да направи изненадување и да слави над Вардар, откако го загуби мечот на домашниот паркет од Вардар со 74:85.
Табела по 7. коло:
Крива Паланка – 13 бодови (6-1)
Баскет Кам – 13 бодови (6-1)
Вардар – 13 бодови (6-1)
Бадел 1862 – 11 бодови (4-3)
Пробаскет – 10 бодови (3-4)
МЗТ Бела вода – 9 бодови (2-5)
Спорт тим – 8 бодови (1-6)
Патриот 2016 – 7 бодови (0-7)
Наредно коло (13 декември):
Баскет Кам – МЗТ Бела вода
Бадел 1862 – Пробаскет
Патриот 2016 – Крива Паланка
Спорт тим – Вардар