Есенскиот дел од Првата македонска фудбалска лига донесе возбудлив финиш, во кој Вардар со пресврт-триумф над Македонија Ѓорче Петров (1-2) ја потврди својата доминација и по шест години повторно се закити со есенската титула.
На тешкото гостување во Ѓорче Петров, избраниците на Гоце Седлоски покажаа карактер и зрелост. Иако домаќините поведоа во 54. минута преку Еступињан, вардаровиот напаѓач Азер Омерагиќ блесна во вистинскиот момент. Со два брзи и прецизни ударa, прво во 63., а потоа и во 66. минута, го сврте резултатот и му донесе голем триумф на својот тим.
Вардар ја заокружува полусезоната со 13 победи и три ремија на 16 натпревари, задржувајќи ја минималната предност од еден бод пред најголемиот конкурент – Струга Трим Лум.
Стружани, пак, ја завршија 2025 година во одлична форма, запишувајќи шест победи по ред. Тимот на Шпенд Адеми славеше на тешкото гостување кај Тиквеш во Кавадарци со минимални 0-1. Единствениот погодок беше дело на Меметриза Хамза во 36. минута, по акција во која најдобро реагираше на одбиена топка и со прецизен лоб дојде до решавачкиот гол.
Иако Тиквеш се обиде да израмни во вториот дел, особено преку Ивановски и Мојсов, гостите ја задржаа контролата и ја однесоа победата дома, продолжувајќи ја битката за врвот.
Со ваков расплет, ПМФЛ влегува во зимска пауза со драматична и неизвесна трка за титулата – Вардар како лидер, но под постојана закана од одличната Струга. Сезоната продолжува во февруари, кога ќе се види кој ќе го издржи трката во пролетниот дел.