Охрид е пред можноста да биде есенски шампон во Втората лига, популарните „рибари“ играат фантастична есен и тимот на младиот стратег Ромео Кочоски има само еден пораз, го има најдобриот биланс, а според формата од последните пет меча Охриѓани се единствени со пет победи во низа.
Пред стартот на новата сезона Охрид беше меѓу главните кандидати за освојување на првото место, најави на клубот беа влез во Првата лига, а за таа цел беа претставени неколку квалитетни млади засилувања, на чело со искусниот Антонио Каланоски.
Полн погодок за Охрид беше засилувањето Иван Глигоров, кој реши многу мечеви за „рибарите“, враќањето на голманот Дамјан Серафимов, потоа Димитриј Димитриевски, Стојан и Димитриј Попоски, Леонид Кофилоски, Игор Јаневски… секако со играчите кои веќе претходно беа и со свои играчи Охрид ја започна сезоната 2025/2026.
Доминација, ефикасен напад и фантастична одбрана, „рибарите“ на Кочоски се на два чекори да бидат есенски шампиони.

Првиот предизвик е веќе утре против Големо Коњари на гостински терен во одложениот меч од 13. коло. „Рибарите“ се големи фаворити против „тутинарите“ кои се на дното со три бодови.
Со добивање на овој меч Охрид ќе се насочи на мечот со Слога Виница, а овој меч наместо во Виница ќе се одигра на „Билјанини Извори“ односно доаѓа до промена на домаќинствата поради лошиот терен во Виница и можноста за нови обилни врнежи, па така Охрид на својот терен како формален гостин ќе игра против претпоследниот тим во лигата.
Со триумф на Охрид и на овој меч тогаш „рибарите“ избиваат на првото место и ќе бидат есенски шампиони со 36 бодови на своето конто, во таков случај Шкендија Арачиново ќе биде втора со 35 бодови, Брегалница ќе биде трета со 33 бодови.
Охрид е подготвен за успешно заокружување на 2025 година, „рибарите“ се мобилизирани, а в недела може да има огромно славје на стадионот „Билјанини Извори“.