Голем број на погодоци беа забележани во рамки на 6. коло во Првата футсал лига. Дебитантот Балкан стигна до третата сезонска победа откако со 12:9 го доби Осогово од Крива Паланка и тоа преку пресврт откако гостинот имаше 4:6 на полувреме.
Ибрахим Алији постигна четири гола, двапати погодија Пајтим Реџепи и Џељал Мјаку, а по еднаш Далип, Реџеп и Сулејмани, а пак Давид Ристовски од гостинската екипа си постигна автогол.
За гостинот двојни стрелци беа Кристијан Ристовски, Давид Ристовски и Кристијан Ивановски, како и Кристијан Станојковски. За ланскиот финалист во Купот еден гол постигна Никола Стојмировски.
Без воопшто мака шампионот Форца славеше висока победа од 1:5 над Кеги Моби во Велес. Иван Крстевски погоди двапати за тимот од Куманово, а по еднаш стрелаа Јасир Зекири и Еркан Сефери како и Бразилецот Игор Рикардо Де Алмеида Постиго.
Победникот беше решен во првиот дел кога резултатот беше 1:4, а за домашниот тим погоди Димче Андов.
Јувентус Серава слави домашна победа над Бутел со резултат од 6:3. Сами Аљиљи и Омер Османи беа двојни стрелци, а по еден гол постигнаа Сали Салиевски и Армандо Алијевиќ. За гостинската екипа Владимир Трендафиловиќ беше стрелец на два гола, а еден погоди Никола Илијоски.
Непоразениот лидер Проект на домашен терен, но овој пат во Струмица со 5:2 го доби Клими од Кавадарци. Во првиот дел беше неизвесно 2:1 за домаќинот, а во вториот дел тимот од Јосифово се разигра и славеше нова победа.
Голгетерот Марио Благојевски постигна два гола, а по еден Наум Блажески, Трајче Димитриев и Горан Стојанов, додека пак за тимот од Кавадарци стрелаа Мартин Никовиќ во првиот дел и Андреј Коцевски во второто полувреме.
Прва радост за повратникот Мал Ајакс, откако во Штип со 13:6 го доби Шкупи. Штипјани победата ја најавија во првиот дел кога имаа предност од 6:2, а во вториот дел само ја потврдија истата со далеку подобра игра од претходните мечеви.
Иса Дурмишов постигна четири гола, Андреј Трајанов и Седат Мамудов имаа по три гола, Ангел Белчовски два, а пак Сердар Синанов еден гол. За скопскиот тим Несар Фазлиу погоди трипати, а по еднаш Зекир Зејнели, Реџеп Сулејмани и Абдил Кадир Јахја.
Одличен настап на голот имаше Филип Гигов, кој го бранеше голот на штипјани во вториот дел од мечот, а тоа се потврди со триумф и три бодови на контото на Мал Ајакс.

На врвот е Проект со 18 бодови, втора е Форца со 12 бодови, но шампионот има меч помалку, а трет е Кеги Моби со 12 бодови, на дното Осогово и Мал Ајакс со по три бодови.