Македонската интернационална фудбалска судијка Ивана Пројковска продолжува да го гради својот впечатлив интернационален углед. По настапите оваа година во Јужна Америка – во Колумбија и Еквадор – таа повторно ќе ја претставува нашата земја на едно големо натпреварување, овојпат на африканскиот континент.
Пројковска е единствената македонска судијка што има судено натпревари на три различни континенти, исклучувајќи ја Европа, што ја прави вистинска пионерка во женското судење кај нас. Нејзиниот следен предизвик ќе биде на FIFA Women’s Champions Cup, новоформирано натпреварување кое ги собира шампионите од сите континентални женски клупски лиги.
- Дел од елитен судиски тим од шест лица
ФИФА го објави официјалниот список на судии за дуелот од втората рунда на турнирот меѓу АС ФАР од Мароко и кинескиот шампион Вухан Јиангда, кој ќе се игра на 14 декември во Бершид, Мароко. Пројковска ќе ја има улогата на четврти официјален судија, дел од шестчлениот стручен тим кој ќе го води овој значаен меч.
Главен судија ќе биде Хрватката Ивана Мартинчиќ, со своите сонароднички Сања Рожак-Каршиќ како прв помошник, а вториот помошник е Словенката Сташа Шпур. На натпреварот ќе има и ВАР, за што се делегирани и судиите кои ќе бидат во ВАР собата, тоа се Романецот Овидиу Хатеган како ВАР и Србинката Јелена Цветковиќ како АВАР.
Составот на тимот покажува дека натпреварот добива голема тежина за ФИФА, а со тоа и присуството на Пројковска претставува уште едно признание за нејзината работа.
- Веројатно останува за уште еден меч
По дуелот во Мароко, Пројковска речиси сигурно ќе добие уште една интернационална задача. Дел од третата рунда на FIFA Women’s Champions Cup ќе се одигра на 21 декември, а иако официјалната локација и натпревар сè уште не се објавени, проценките се дека ФИФА ќе ја задржи во ритам и на овој дел од турнирот.
- Светска елита и пат до финалната фаза
Победникот од натпреварот меѓу Вухан Јиангда и АС ФАР ќе обезбеди место во финалната фаза што ќе се игра во Лондон од 28 јануари до 1 февруари 2026 година. Таму веќе чека европскиот шампион Арсенал, а другата полуфинална двојка ќе биде меѓу шампионот на Северна Америка – Готам ФК, и јужноамериканскиот првак Коринтијанс.
За Пројковска, повторното ангажирање од страна на ФИФА е силна потврда за нејзиниот континуитет, професионализам и довербата која ја има како меѓународен фудбалски судија.