Охрид денес тагува по загубата на Димче Стојкоски–Лепи, човек кој остави длабок и траен белег во развојот на локалниот фудбал. Како поранешен и почесен претседател на Фудбалскиот сојуз Охрид, но и како долгогодишен спортски работник, судија и делегат, Стојкоски со децении беше столб на спортот во градот. Неговата посветеност, принципиелност и љубов кон играта го направија пример за генерации млади фудбалери и спортски дејци.
Неговото заминување остава празнина што тешко ќе се пополни, но и наследство кое ќе продолжи да ги инспирира сите што работат за напредок на охридскиот фудбал. Во знак на највисока почит, Фудбалскиот сојуз Охрид упати последен поздрав за Стојкоски со сочувство до неговото семејство.
“Со длабока тага примивме вест за заминувањето во вечност на нашиот драг сограѓанин — Димче Стојкоски-Лепи, долгогодишен спортски работник, поранешен и почесен претседател на Фудбалскиот сојуз Охрид, како и судија и делегат. Неговата посветеност, чест и љубов кон фудбалот, како и неуморниот придонес за развојот на спортот во нашиот град, оставија неизбришлив белег врз заедницата и генерации млади фудбалери и спортски работници. Името на Димче Стојкоски-Лепи ќе остане запишано во традицијата на охридскиот фудбал како симбол на посветеност, чесност и љубов кон спортот. Со неговиот труд и пожртвуваност, го збогати фудбалот — не само како игра, туку како воспитание, спортски дух и пример за сите нас. Во овие тешки моменти, од името на Фудбалскиот сојуз Охрид — од претседателот Диме Попоски и сите членови — изразуваме искрено сочуство до семејството, роднините и сите што го познаваа. Нека ги залечи болката споменот на неговата посветеност, и нека сеќавањето на него остане жива благодарност и почит.
Со длабока почит,
Претседател: Диме Попоски
Членови на Фудбалскиот сојуз Охрид”, се вели во известувањето од ФС Охрид.