Во рубриката „На полувреме со…“ ги поставуваме најзабавните и најопуштените прашања на ракометарите пред важни дуели. Денеска во центарот на вниманието е голманот Даниел Ѓорѓески – еден од чуварите на Охридската ракометна Тврдина. По убедливата победа над Алкалоид, тимот е полн со енергија и самодоверба, а ракометната еуфорија се чувствува и кај навивачите. Пред Охриѓани, сега стои нов предизвик- европскиот двобој против екипата на Слога Добој, од Босна и Херцеговина.
Двомечот со Слога Добој е голем предизвик и важен тест за тимот, но Ѓорѓески и соиграчите се подготвени да покажат карактер и тимски дух на теренот. За да почувствувате дел од нивната атмосфера и духот на Охридската ракометна Тврдина, го прашавме Ѓорѓески за забавните моменти од соблекувалната, неговите ритуали, омилени ситуации на теренот и очекувањата за претстојниот дуел.
- Што повеќе сакаш да браниш – пенали или зицери?
-Зицери.
- Кој соиграч најчесто ти „ја загорчува“ работата на тренинг?
-Нема таков.
- Дали браниш појако против шутерите што те нервираат?
-Да, мотивацијата е поголема.
- Дали има некој шутер кој ти е „кошмар“?
-Па, не можам да издвојам некој таков.
- Дали повеќе те радува одбранет пенал или успешна серија од три одбрани по ред?
-Успешна серија од три одбрани по ред.
- Имаш ли некој ритуал пред натпревар?
-Секогаш носам исти чорапи, кои ми се само за натпревар.
- Што ти поминува низ глава пред да скокнеш на пенал?
-Каде шутира противникот.
- Дали си прецизен во шут од твојот гол на спротивниот?
-Да.
- Кој соиграч има најтежок шут за бранење?
-Па..Томислав Јагуриноски има најнезгоден шут.
- Кој би бил најлош голман од твоите соиграчи?
-Не знам кој би можел да биде тоа, ги немам никогаш видено застанати на гол, а и не би им препорачал
- Ако не беше голман – на која позиција би играл?
-Не знам искрено, од старт почнав голман и немам пробано ништо друго.
- Кој е твојот омилен момент во кариерата досега?
-Има многу убави моменти.. не би можел сега да издвојам најомилен..
- Кој те научи на „финтите“ при бранење?
-Имав доста тренери на голмани во кариерата и од сите имам научено по нешто.
- Колку често си добил топка во глава на тренинг?
-Многу пати 🤣
- Дали некогаш намерно си ,,пуштил“ некој гол на тренинг, само за да не ти се лутат соиграчите?
-Не, никогаш.
- Кој е најчудниот совет што си го добил од тренер?
-Да го бранам само голот, а сè што оди надвор од гол нема потреба. ( шала беше) 🤣
- Кој е твојот омилен дел од тренингот (а кој најмалку омилен)?
-Омилен- игра на два гола, а најнеомилен- трчање.
- Ако твојата екипа води убедливо, се опушташ или пак сакаш да браниш уште посилно?
-Зависи против кого играме, некогаш постои доза на опуштање.
- Кој ти е омилен голман?
-Тиери Омејер, а моментално Нилсен.
- Какво чувство владее кај вас пред дуелот со Слога Добој?
-Имаме одлична атмосфера, посебно после победата над Алкалоид и максимално сме подготвени за овој двобој.
- Кој од соиграчите мислиш дека ќе го постигне првиот гол против Слога Добој?
-Иван Тасески.
- Дали очекуваш тесен резултат или убедлива победа?
-Убедлива победа.
- Кој сегмент од играта мислиш дека ќе биде клучен? Офанзива, дефанзива или пак, домашен терен и тимски дух?
-Дефанзивата и, се разбира, тимскиот дух и одличната атмосфера во сала.
- Што би им порачал на навивачите пред дуелот со Добој?
-Да дојдат во што поголем број да нè поддржат и на крајот, сите заедно да се радуваме!

Со овие забавни и искрени моменти од соблекувалната, веќе може да почувствувате дел од атмосферата во тимот, и да не заборавиме – со Чаневски, Ѓорѓески, Блажески и Пилиповиќ на голот, Охрид е вистинска Тврдина.
Тимот секогаш може да смета на цврста и сигурна одбрана, а нивната комбинација од талент, искуство и карактер ќе го држат тимот сигурен и навивачите во возбуда од првата до последната минута!