Мулти Есенс прокнижи нови бодови откако во Гостивар со 20 гола разлика односно 24:44 ја декласираше Јехона за отварање на 9. коло на Првата ракометна лига.
Од самиот почеток тимот од Автокоманда започна да ја полни мрежата на инфериорниот домаќин, па така по 10 минута игра резултатот беше 3:10 за Мулти Есенс, а потоа разликата само се зголемуваше и во второто полувреме фаворитот од Автокоманда играше рутински како на тренинг меч за да стигне до победа од конечни 24:44.
Кај домашниот тим по шест погодоци постигнаа Адис Салиу и Стефан Маринкоски, додека пак кај гостинот се истакнаа повеќе ракометари – Јован Петрески имаше седум погодоци, а по шест имаа Дарјан Ѓоќески, Никола Џигеровски и Бобан Поповски.
Тимот на Мулти Есенс стигна до седмата позиција на табелата и има 14 бодови, а пак Јехона барем до утре ќе биде на шестото место со осум бодови и учинок од четири победи и четири порази.
Во следното коло Мулти Есенс дома како апсолутен фаворит ќе игра против Партизан, а пак Јехона дома ќе има одново незгоден меч против одличниот Текстилец.