По промената на тренерската позиција и назначувањето на Милан Стојановски за нов шеф на стручниот штаб, во Битола повторно се чувствува свежина и оптимизам. Пелистер под водство на поранешниот репрезентативец игра со поголема желба, карактер и борбеност, што е јасен сигнал дека тимот полека се крева и повторно верува во себе.
Стојановски, кој како фудбалер го носеше дресот на македонската репрезентација 26 пати, внесе дисциплина и јасна идеја во играта на „зеленo-белите“. Од неговото доаѓање, Пелистер делува поорганизирано, со подобрена игра – елементи кои јасно го одразуваат фудбалското образование на Стојановски стекнато во белградски Партизан, клуб познат по својата школа и систем кој создава фудбалери со карактер.
Иако резултатскиот биланс сè уште се гради, впечатокот е дека екипата игра со срце. Играчите покажуваат волја да се борат за секоја топка, а Пелистер на теренот изгледа далеку поагресивно и компактно во споредба со почетокот на сезоната.
Стојановски во Пелистер пристигна во лош момент, презеде екипи со лоша атмосфера и многу лоша серија на резултати.
Пелистер загуби со Вардар, но покажа добра игра и заслужи барем бод, а лидерот во ПМФЛ триумфираше со гол од пенал.
„Разорани сме, бидејќи ова беше најдобар натпревар на Пелистер, изгубивме по две наши грешки, во иднина мораме да бидеме концентрирани. Поседот не ми значи многу, поважно ми е да создаваме добри шанси. Можеби во завршницата на акциите некои играчи не напаѓаат толку длабоко како што барав од нив, но мислам дека имаме добра основа за во иднина, задоволен сум од прикажаното“, рече Стојановски по мечот со Вардар.
Со ваков пристап и со новата фудбалска филозофија што ја воведува Стојановски, Пелистер полека, но сигурно се враќа и ќе собира бодови за прогрес на табелата.
Битола повторно има тим што верува, а „зелено-белата“ публика конечно гледа Пелистер кој се бори – до последната минута.
Овој викенд Пелистер на домашен терен ќе бара триумф против Брера Струмица, во рамки на 13. коло на Прва лига.