Во салата „Илија Хаџи-Николов“ вечерва ќе се одигра дербито на 4. коло од Првата македонска кошаркарска лига, каде ќе се судрат двата тима со максимален ефект – Бутел и Соколи 1933. Оваа пресметка не само што носи голем натпреварувачки предизвик, туку претставува и враќање на преносите во живо на натпреварите од ова натпреварување на програмата на Македонската радио телевизија, по подолга пауза.
Натпреварот започнува во 18:00 часот, а љубителите на кошарката очекуваат возбудлива и неизвесна битка, бидејќи и двата тима сезонава настапуваат со јасна цел – пласман во Супер лигата.
Екипата на Соколи 1933 има одличен старт со три победи, од кои последната – гостинската во Свети Николе против Овче Поле – беше изборена по драматично продолжение од пет минути. Од друга страна, Бутел беше слободен во првото коло, но во следните два меча демонстрираше стабилност и квалитет, па со право влегува во ова дерби со голема самодоверба.
По завршувањето на вечерашниот натпревар, само еден од овие два состави ќе остане непоразен, што дополнително ја зголемува атмосферата и мотивот кај играчите и навивачите.
Викендот носи уште неколку интересни средби во ова натпреварување. Во сабота од 15:30, Вардар ќе биде домаќин на Мега Баскет од Прилеп – дуел на уште две екипи со стопроцентен ефект. Во недела од 16:00, Струмица ФМП ќе го пречека Овче Поле, во обид да ја продолжи победничката серија.
Од 15:15 во сабота, на распоред е и „езерското дерби“ меѓу Охрид и Црн Дрим, додека од 18:00 часот во Тетово, Тетекс ТТК ќе ја предизвика екипата на Младинец. Ден подоцна, во Струмица, уште еден интересен натпревар: Струмица Ролинг и Борец Баскет ќе го бараат својот прв триумф сезонава.
Без сомнение, пред нас е викенд полн со кошаркарска страст, дерби пресметки и борба за врвот во Првата лига.