Младата македонска тенисерка Сара Митревска (15) забележа одличен настап на меѓународната сцена, освојувајќи второ место во двојки на престижниот јуниорски турнир J100 во Дубровник.
Играјќи заедно со Каролина Смидова од Чешка, македонско-чешкиот тандем стигна до големото финале каде, по голема борба, беше поразен од првите носителки Јулија Буцулел (Романија) и Ана Петковиќ (Хрватска).
Митревска и Смидова го добија првиот сет со 7:5, но противничките возвратија со 6:4, а во супер-тајбрејкот Буцулел и Петковиќ беа поуспешни со 10-4.
До финалето, Сара и нејзината партнерка одиграа одличен турнир, елиминирајќи неколку фаворизирани парови.
Во полуфиналето ја совладаа хрватско-словенечката комбинација Марта Добриќ / Зоја Петернел со 2-0 (7:6, 6:4), во четвртфиналето беа подобри од Дариа Билјук (Украина) и Мирела Бермехо (Шпанија) со 6:3, 6:3, а во првото коло лесно ги совладаа Мина Марковиќ и Верица Зрниќ (Србија) со идентични 6:3, 6:3.
Во поединечна конкуренција, Митревска немаше среќа со ждребот и беше елиминирана во првото коло од Украинката Билјук, која подоцна стигна до финалето. Со овој резултат, Сара уште еднаш покажа дека е едно од најперспективните имиња во македонскиот јуниорски тенис и дека иднината ѝ припаѓа.