Фудбалот на Балканот е во жалост по ненадејната смрт на Младен Жижовиќ, поранешен тренер на Шкупи и еден од најперспективните млади стручњаци во регионот. Трагедијата се случи за време на натпревар од српскиот шампионат, кога му се слоши додека го водеше својот тим Раднички Крагуевац.
Несреќата се случила во текот на првото полувреме од натпреварот против Младост Лучани, кога 45-годишниот тренер се почувствувал лошо покрај клупата. Медицинскиот тим веднаш интервенирал, а Жижовиќ бил пренесен во болница со возило на Брзата помош. За жал, по неколку минути пристигнала најтешката можна вест – не успеал да преживее.
Трагичниот момент ги потресе сите присутни на стадионот – фудбалерите, тренерите и навивачите. Натпреварот веднаш бил прекинат, а играчите на двата тима, очигледно потресени, го напуштија теренот.
Младен Жижовиќ беше роден во 1980 година и имаше богата играчка и тренерска кариера. Како фудбалер настапуваше за неколку клубови низ регионот, а по завршувањето на кариерата се посвети на тренерската професија.
Во Македонија остави силен впечаток како предводник на ФК Шкупи, со кој во сезоната 2023/24 оствари значајни резултати и беше ценет по својата дисциплина, енергија и фудбалска визија.
Во Босна и Херцеговина го водеше Борац Бања Лука, клуб со кој обезбеди пласман во европските квалификации, а во својот стручен пат имаше чест да соработува со неколку македонски фудбалери – меѓу нив и Дамјан Шишковски и Бобан Николов.
Жижовиќ зад себе остави голема празнина во фудбалската заедница, како човек кој со својата работа и карактер стекна почит кај сите што го познаваа.