Македонскиот шампион Јанта Волеј со стил се промовира на европската сцена, совладувајќи го тимот на Гацко од Босна и Херцеговина со 3-2 во првото коло од квалификациите за Лигата на шампионите на ЦЕВ. Натпреварот во салата „Јане Сандански“ понуди вистинска драма и пет сета исполнети со борбеност и емоции.
Девојките започнаа сигурно, го добија првиот сет со 25-21 и ја оправдаа фаворитската улога на домашен терен. Сепак, тимот на Гацко успеа да возврати со 21-25, израмнувајќи на 1-1 и најавувајќи неизвесен натпревар. Во третиот сет повторно блесна Јанта Волеј, кои со 25-22 ја вратија предноста, но Босанките повторно се изборија и со 20-25 израмнија на 2-2, па победникот мораше да се решава во тај-брејк.
Во петтиот, решавачки сет, македонските шампионки покажаа силен карактер и огромна желба за успех. Иако имаа негатива на почетокот, успеаја да се вратат и по голема борба славеа со 18-16, запишувајќи историска победа за клубот и македонската женска одбојка.
Најефикасна во составот на Јанта Волеј беше Мери Бошковска со 26 поени, одлична поддршка доби од Јасмин Ледезма со 19 и Татјана Јаневиќ со 16 поени. Кај гостинките од Гацко, се истакнаа Марија Фундуп со 23 и Ивана Радовиќ со 20 поени.
Реванш дуелот меѓу Јанта Волеј и Гацко ќе се одигра на 29 октомври во 18:00 часот во Босна и Херцеговина. Македонските шампионки ќе имаат шанса со нова победа да обезбедат пласман во следната квалификациска рунда и да продолжат да го испишуваат својот европски сон.