Екипата на Динамо Панчево го освои седмото место на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, откако во дуелот за пласман ја совлада шампионската екипа на Фарски Острови, Киндил, со резултат 28-24.
Натпреварот, кој се одигра во салата „Билјанини Извори“, понуди израмнета игра во првиот дел. Двата тренери одлучија да ротираат повеќе и да им дадат шанса на играчите со помала минутажа, па на пауза се замина со егал резултат, 12-12.
Во второто полувреме избраниците на Никола Јаневски ја засилија одбраната и ја наметнаа својата игра. Богдановиќ и Чабрило беа најефикасни во нападот, носејќи ја својата екипа до водство од плус пет, 23-18, со што практично го решија прашањето околу победникот.

Со оваа победа, српскиот претставник го заврши турнирот на седмата позиција, додека тимот на Киндил, кој остана без ниту една победа, го запиша и четвртиот пораз.

Во продолжение на програмата следуваат натпреварот за петтото место меѓу Партизан и Тримо, дуелот на Вардар и Нексе, како и големото финале во кое ќе се сретнат домаќинот Охрид и македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.