Новата сезона во Втората македонска фудбалска лига започнува в сабота, на 23 август, а Спортска Мрежа дознава дека новиот второлигаш Големо Коњари своите домашни натпревари ќе ги игра на својот терен во истоименото прилепско село.
Оваа одлука е голем успех за клубот, кој во изминатиот период вложи сериозен труд и средства за да ги исполни строгите пропозиции на ФФМ. Стадионот во Големо Коњари доби целосно нов лик: извршена е реконструкција на соблекувалните, поставени се нови тоалети, тушеви, врати и прозорци, а теренот е значително подобрен за да ги задоволи условите за одигрување на второлигашки натпревари.
Во еден момент постоеше можност клубот да ги игра домашните средби на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, но по големите вложувања и успешно завршената санација, стигна долгоочекуваната потврда – второлигашкиот фудбал се враќа во Големо Коњари по повеќе од три децении.
Селото, кое живее за спортот, ќе има можност одблизу да ги гледа своите миленици и да го бодри клубот во битката за опстанок во второлигашката конкуренција.
Во рамки на првото коло, Големо Коњари на својот терен ќе го пречека Детонит Плачковица од Радовиш.