Прволигашот Шкупи, веќе се соочува со низа проблеми. Поразот од Шкендија во првото коло беше првиот силен удар, отсуството на тренерот Бобан Бабунски од клупата дополнително ја влоши ситуацијата, а најголем моментален предизвик за прволигашот е неисполнувањето на ВАР-условите на стадионот „Чаир“.
Во второто коло Шкупи треба да биде домаќин на Силекс, но засега не е познато на кој терен ќе се одигра мечот. Фудбалската федерација на Македонија уште пред стартот на сезоната предупреди дека „Чаир“ е единствениот стадион во првенството кој не ги исполнува техничките стандарди, давајќи му на клубот рок да ги заврши потребните активности за престојната сезона.
Како тие не се реализираа, клубот не доби дозвола да игра на својот стадион. Се споменуваше можноста натпреварот да се одигра во Куманово, но според информациите на „Опен-ТВ“, ФФМ не дала согласност за тоа.
Така, на само два дена пред дуелот со Силекс, чаирчани сè уште немаат обезбедено стадион на кој ќе го пречекаат противникот, што ја остава нивната подготовка во неизвесност.