Двократниот македонски шампион Струга Трим Лум доби ново име во своите редови – 18-годишниот офанзивец од Скопје, Алтин Алији. Иако млад по години, Алији веќе има солидно искуство во Првата македонска фудбалска лига и важи за еден од најперспективните играчи од својата генерација.
Алији пристигнува од косовскиот првак Балкани, каде што се пресели минатото лето од Македонија Ѓорче Петров. Токму во дресот на „лавовите“ од Ѓорче Петров, младиот фудбалер првпат го привлече вниманието на јавноста со своите настапи и храбра игра.
Дебито во сениорска конкуренција го имаше на 13 ноември 2022 година, на само 16 години, 2 месеци и 19 дена, што го прави еден од најмладите дебитанти во мак-фудбалот. Од тогаш, Алији одигра 32 натпревари во Првата лига и постигна два погодоци.
Со својата брзина, техника и младински елан, Алији ќе се обиде да донесе нова офанзивна свежина крај Охридското Езеро, додека Струга Трим Лум продолжува со амбицијата да се задржи на врвот на македонскиот фудбал.