По месеци тешка здравствена борба, македонската кошаркарска судијка со ФИБА знак, Ема Никочевиќ, направи триумфално враќање на паркетот.
Во пријателскиот натпревар меѓу кадетските селекции на Македонија и Швајцарија, одигран во СРЦ „Кале“ – Скопје, Никочевиќ повторно ја „свирна“ првата одлука, симболично означувајќи почеток на ново и лично поглавје во нејзиниот живот и кариера.
По тешка болест која ја оддалечи од спортот и ја стави во сериозна животна опасност, нејзиното враќање на теренот е инспирација и доказ дека храброста и љубовта кон спортот победуваат сè.

Во емоционална изјава, Ема го опиша чувството на враќање:
„По двомесечна пауза, моето враќање на теренот како кошаркарски судија беше исполнето со мешавина од возбуда и неизвесност. Искрено, имав многу прашања во главата. Односно дали ќе успеам да се снајдам, дали ќе ја издржам физичката динамика на натпреварот, и дали ќе го следам критериумот што го бара играта. Сомнежот исчезна веднаш штом ја ‘свирнав’ првата одлука. Во тој момент, сè си дојде на свое место и влегов во ритам. Се чувствував сигурно, стабилно и поддржано, благодарение на извонредниот судиски тим што беше со мене, Иван Мијалковски и Бисера Јакова, делегатот, како и целата записничка маса, кои имаа разбирање и создадоа пријатна и професионална атмосфера.“
Во натпреварот со неа рамо до рамо беа колегите Иван Мијалковски и Бисера Јакова, заедно со делегатскиот тим и службените лица кои ѝ дадоа безрезервна поддршка.

Во вториот дел од изјавата, Ема додава:
„Особено сакам да изразам голема благодарност до Кошаркарската федерација на Македонија за континуираната поддршка. Тоа што повторно бев на терен, и што се снајдов одлично, ми донесе исклучителна радост и потврда дека сум подготвена и посилна од кога било.
Овој натпревар за мене беше повеќе од само спортска задача – за мене значеше лична победа.“
Животот пишува драми поголеми и од финалиња, но како што Ема покажа – најважно е никогаш да не се откажеш.