Иако уште млади по години, фудбалерите на Јанг Бојс од Струмица покажаа дека вистинските спортски вредности не се мерат само со победи на теренот. Екипата која настапи во младинските категории на Меморијалниот турнир во мал фудбал „Благој Истатов 2025“, со поддршка од своите родители, донесе одлука својата парична награда од 10.000 денари да ја донира за изградба на споменикот во чест на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој ќе се постави токму во Струмица.
Спортисти со големи срца – со овој гест, младите од Јанг Бојс испратија силна порака дека спортот е многу повеќе од резултат и трофеи. Тоа е воспитување, солидарност и поддршка за заедницата.
Иако во финалето на турнирот го освоија второто место, нивниот потег вреди повеќе од секоја титула. Ги добија симпатиите и респектот на целата спортска јавност.