Александра Симева ја одбрани шампионската титула на Државното првенство, откако во финалето ја совлада Теона Андова со 2-1 во сетови (5-7, 6-1, 6-3). Натпреварот се одигра на терените на ТК Југ и понуди драматична тениска пресметка во која Симева покажа искуство и борбен дух.
По загубениот прв сет, Симева направи целосен пресврт и доминираше во продолжението, препуштајќи ѝ на ривалката само четири гема во следните два сета. Со оваа победа, таа ѝ се реваншираше на Андова за поразот во полуфиналето на минатогодишното првенство.
Ова е вкупно петта титула за Симева на национално ниво, по претходните триумфи во 2019, 2020, 2022 и 2024 година. Андова останува со една шампионска титула, освоена во 2023 година.
Во машка конкуренција во двојки, шампионската круна повторно им припадна на тандемот Берк Бугариќ и Елдин Хусеиновиќ. Тие во финалето беа убедливи против Кристијан Јанев и Ерион Незири, победувајќи со 2-0 во сетови.
Финалето во машка поединечна конкуренција ќе се одигра утре (недела), со почеток од 9:30 часот. За титулата ќе се борат македонските Дејвис куп репрезентативци Берк Бугариќ и Кристијан Јанев. Денеска, Бугариќ во полуфиналето го совлада Стефан Мицов со 2-0 во сетови, додека Јанев славеше во три сета против Горјан Вукиќевиќ(2:1).