Вечерва Кратово ќе дише како едно! Фудбалскиот клуб Силекс во соработка со Општина Кратово организира јавно гледање на првиот натпревар од квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, во кој кратовскиот прволигаш гостува кај црногорскиот Дечиќ во Тузи.
Мечот започнува во 20:00 часот, а платото пред Домот на културата „Лазар Софијанов“ ќе биде местото каде љубителите на Силекс ќе можат заедно да го бодрат својот клуб. Сите симпатизери, навивачи и граѓани се повикани да пристигнат најдоцна до 19:30 часот, за навремено да го заземат своето место и да ја почувствуваат фудбалската атмосфера.
Овој натпревар е прв од воведното квалификациско коло од Конференциската лига, а за Силекс претставува важен чекор кон европска промоција. Поддршката од навивачите, особено од верната група „Кратери“, ќе биде од огромно значење – иако не се на трибините во Тузи, нивната енергија и љубов кон клубот ќе се пренесе од срцето на Кратово.