Денес ќе се комплетира првата фаза од Купот на Македонија со одложените три натпревари, кои наместо на 18. септември кога требаше да се одиграат, ќе се одиграат денес.
Во Струмица на „Благој Истатов“ ќе се соочат два второлигаши Беласица против Македонија ЃП, каде „лавовите“ ќе бидат фаворити за следна фаза од Купот на Македонија. Беласица не тргна според посакуваното во новата сезона од Втората лига, фокусот е на првенството и на градењето на млад тим на кој реално му треба време за воигрување и „печење“ на искуство.
Македонија ЃП има две Куп титули од 2022 и 2023 година, сега „лавовите“ не се во позиција за главни фаворити за трета Куп титула, но ќе сакаат што подалеку во Купот.
Главен судија во Струмица ќе биде Ангелчо Ристов од Неготино.
На Градскиот стадион во Гостивар ќе се соочат второлигашот Башкими и прволигашот Воска Спорт, ова ќе биде соочување на освојувачот на Купот од сезона 2004/2005 и ланскиот финалист. И двете екипи сакаат следна фаза, а воедно ова за нив ќе биде меч на докажување. Башкими во Втората лига сака пласман во горниот дел од табелата и промоција во Прва лига, а пак Воска Спорт ќе води борба за опстанок во елитата, а во Купот секоја следна фаза за нив ќе биде успех.
Главен судија во Гостивар ќе биде Кирил Смоквоски од Прилеп.
Прволигашот Гостивар ќе биде голем фаворит против второлигашот Победа на „Борис Трајковски“ на Маџари, натпревар кој првично требаше да се игра во Прилеп каде Победа требаше да биде домаќин, за што инфорамираше Спортска Мрежа, но сепак дојде до промена на домаќинствата по претходна договор на двата клуба со согласност од ФФМ, а на барање на Гостивар.
Главен арбитар ќе биде Фатмир Бафто од Охрид.