Македонскиот претставник во квалификациите за Конференциската лига, екипата на Работнички, продолжува со подготовките за европскиот предизвик, но резултатите од пријателските натпревари засега не одат во прилог на „романтичарите“ од Дебар Маало.
Во последниот контролен натпревар одигран во Охрид, Работнички беше поразен од косовскиот шампион Балкани со резултат 2-0. Натпреварот се одигра на стадионот „Билјанини Извори“, а стрелци на головите за гостите беа Толај и Диене, кои ја искористија својата надмоќ во второто полувреме.
Ова е втор пораз за Работнички во подготовките, откако претходно беа убедливо совладани од Партизани Тирана со 0-3, што дополнително отвора прашања околу формата и подготвеноста на тимот непосредно пред настапот во Европа.
Работнички во првото коло од квалификациите за УЕФА Конференциската лига ќе се сретне со белорускиот претставник Торпедо Жодино – натпревар со голема важност за македонскиот фудбал, но и за самата екипа која има амбиции да оди подалеку во натпреварувањето.
Првиот натпревар против Торпедо е закажан за почетокот на јули, а до тогаш, Работнички ќе има уште неколку денови да ја подигне формата и да ги надмине слабостите забележани во пријателските дуели.