Во фокусот на нашето ново интервју е Магдалена Лекоска, 25-годишна голманка од Битола, која поради сериозна повреда на коленото прерано стави крај на својата професионална кариера.
Лекоска зад себе има десет години исполнети со трофеи, настапи за сите репрезентативни категории на Македонија, капитенски ленти и спортска пожртвуваност.
Денес, таа започнува ново поглавје како тренер на голмани во ЖФК Истатов, клуб кој се натпреварува во Првата женска фудбалска лига, и со УЕФА А лиценца гради кариера и како тренер, а каде ќе има можност да работи и учи од искусниот стратег и селектор Кирил Изов.
- ПОЧЕТОЦИТЕ ВО БИТОЛА И ПОЗИЦИЈАТА ГОЛМАН
„Мојот матичен клуб ми е Топ Гол Битола каде поминав 4 прекрасни години. Мојот тренер Кире Грбевски ме стави на позиција голман и работејќи макотрпно со најдобриот тренер на голмани Владимир Костадиновски од Битола станав врвна голманка. Во моите почетоци во Битола 4 години со велосипед поминував по 10 км да стигнам на секој тренинг и натпревар и се враќав дома во доцните часови.“

Лекоска во дресот на Топ Гол настапуваше до 2017 година, кога се пресели во Скопје. Таму, во периодот од 2017 до 2018 година, го продолжи својот развој, носејќи го дресот на истоимениот клуб во главниот град.
- КАРИЕРА ИСПОЛНЕТА СО ТРОФЕИ, ТРАНСФЕРИ И СЕЛЕКЦИОНЕРСКИ ДОВЕРБИ
„После 4 години во Топ Гол, се преселив на студии во Скопје каде што тренирав во голманска Академија Ивановиќ 4 години и преминав во ЖФК Истатов, раководен од селекторот Кирил Изов кој што прв ме назначи капитен и заедно се боревме за врвот. Следен клуб во кој продолжив е ЖФК Љуботен Тетово под водство на Драгољуб Јовановски – освоивме шампионски титули, купови на Македонија, игравме многу меѓународни натпревари, бев капитен од почеток до крај и тука ги достигнав сите врвови што еден голман би посакал. Исто така бев тренер во младинската екипа на ЖФК Љуботен и ги положив УЕФА Б И УЕФА А лиценци за тренер.“

Во Истатов се задржува од август 2018 до декември 2020, кога прави трансфер во ЖФК Љуботен, клуб каде останува цели 3,5 години, сè до јуни 2024. Потоа ја прифаќа понудата од ЖФК Саса и во периодот август 2024 – јуни 2025 година го чува голот на „рударките“ од Македонска Каменица. По таа сезона, поради повторна повреда на коленото, ја завршува професионалната играчка кариера.
- ДЕКАДА СО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА – ГОРДОСТ И ОДГОВОРНОСТ
„Неописливо е чувството кога играш за својата држава и го носиш тој свет дрес. Јас поминав 10 години во сите репрезентации, у-17, у-19 и А репрезентација. Кога ја претставуваш својата држава, срцето бие многу силно и таа одговорност да ги браниш боите на Македонија е сон на секоја индивидуа… Мој омилен натпревар е против Казахстан во Алмати кога се здобив со скршеница на нос, но мрежата остана чиста!“

- ВПЕЧАТЛИВИ МОМЕНТИ И ИСКУСТВА ОД КЛУБОВИТЕ
Лекоска зборуваше за клубовите за кои има настапувано во својата кариера.
„ЖФК Топ Гол Битола предводен од Кире Грбевски е клуб кој што ги препознава талентите и ги гради во силни играчи и личности… ЖФК Истатов – самото име ни кажува по легендата Благој Истатов… ЖФК Љуботен Тетово – клуб шампион веќе 4 години по ред. ЖФК Саса од Македонска Каменица – клуб што секоја година се бори за врвот.“
- НАТПРЕВАРИ КОИ СЕ ПАМЕТАТ
25-годишната битолчанка ги издвои натпревари кои ќе се паметат секогаш.
„Најомилен натпревар со клуб ми е натпреварот кога ја освоив првата шампионска титула како капитен и првата куп титула како капитен. Финалето на купот е натпревар кој ми остави најголем траг – солзи радосници, многу публика, трема… Од репрезентација посебно го издвојувам првиот натпревар во Рига против Латвија каде што временските услови беа против нас, но со голема борба издвојувавме победа!“
- ПРИНУДЕНО ЗАВРШУВАЊЕ НА КАРИЕРАТА И НОВ ПОЧЕТОК КАКО ТРЕНЕР
Поради сериозна повреда на коленото, Лекоска мора да стави крај на својата професионална кариера и да започне како тренер на голмани.
„Во последната година бев дел и од ЖФК Саса од Македонска Каменица и не мислев дека ќе се откажам толку рано, но се здобив со повреда на веќе двапати оперираното колено и затоа ќе продолжам да работам како тренер во ЖФК Истатов со најдобриот селектор во Македонија, Кирил Изов.“

- ПРИМЕР ЗА МЛАДИТЕ – СПОРТ И ОБРАЗОВАНИЕ РАКА ПОД РАКА
Лекоска е пример за младите, спортот и образованието се важни во градењето на профилот на еден успешен и професионален спортист.
„Јас потекнувам од работничко семејство, не е ни фудбалско ни академски образовано, но со голема работа и посветеност станав Магистер по специјална едукација и рехабилитација… Гордо можам да кажам дека ниту еден клуб во ниту еден момент не сум оставила, па макар и да играм повредена… Ако нешто се сака, се се може – тоа е мојата порака за сите момчиња и девојчиња. Образованието е најбитно за секоја личност и спортист.“

- БЛАГОДАРНОСТ ДО СИТЕ КОИ БИЛЕ ДЕЛ ОД ГРАДЕЊЕТО НА КАРИЕРАТА НА ЛЕКОСКА
Во интервјуто за Спортска Мрежа, Магдалена испрати благодарност за сите кои дале придонес во градењето на нејзината кариера.
„Благодарност до моето семејство и нивната безрезервна поддршка, ФФМ, Кире Грбевски, Владимир Костадиновски, Драгољуб Јовановски и спортски работници, а најголема благодарност искажувам до најдобрите селектори во Македонија – Кирил Изов и Астрит Мерко.“