Македонскиот кик-боксер Пепи Велков, запиша уште еден голем меѓународен успех. Борецот од Струмица, член на клубот „К1 Арена“, триумфираше на Светскиот куп во Унгарија, освојувајќи златен медал во категоријата до 67 килограми за сениори.
Велков, кој веќе оваа година се закити со две титули на Европски купови, уште еднаш ја потврди својата класа. На патот до врвот, тој оствари четири убедливи победи:
Осминафинале: победа над Давид Кобзиев од Украина (2-0)
Четвртфинале: победа против Адријан Спенти од Полска (3-0)
Полуфинале: тесен триумф над Лаурент Ребер од Швајцарија (2-1)
Финале: доминација против српскиот борец Урош Нешковиќ (3-0)
Со ова злато, Велков уште еднаш докажа дека му припаѓа светскиот врв во кик-боксот. Неговата форма и фокус се на највисоко ниво, а наредната голема цел е Светското првенство што ќе се одржи во Ноември. Пепи ќе атакува на нова светска титула.