Од понеделник, Скопје ќе биде домаќин на најпрестижниот пинг-понг настан некогаш организиран во Македонија – World Table Tennis Contender Skopje 2025. Турнирот, кој ќе се одржи од 9 до 15 јуни во салата „Јане Сандански“, ќе собере повеќе од 100 натпреварувачи од целиот свет.
Пристигнуваат пинг-понг ѕвезди од светските сили како Кина, Јапонија, Германија, Франција, Словенија, а најавено е и учеството на Дарко Јоргиќ, кој од оваа недела се наоѓа меѓу најдобрите десет играчи во светот.
Натпреварите ќе се одвиваат секојдневно, со почеток во 10:00 часот, а влезот за публиката е бесплатен. Ова е уникатна можност за домашните љубители на спортот одблиску да ги следат некои од најдобрите пинг-понг играчи во светот.
Организацијата на ваков врвен спортски настан претставува големо признание за Пинг-понг федерацијата на Македонија, но и за нашата земја, имајќи предвид дека вакви турнири се организираат во само неколку земји низ светот во текот на 2025 година.
Виолета Јанчева, Спортска Мрежа