Дваесет и шест годишниот Британец Џеј Кларк е победник на годинашното издание на АТП Челинџер 75 турнирот Macedonian Open 2025, откако во финалето, кое траеше 84 минути, го совлада тенисерот Нермин Фатиќ од Босна и Херцеговина со 2-0 во сетови (6:2, 6:3).
За триумфот, Кларк освои 75 АТП поени и паричен износ од 19.200 евра, додека финалистот Фатиќ доби 44 поени и 7.620 евра. Кларк прв дојде до брејк во четвртиот гем од мечот и поведе со 3:1, но Фатиќ веднаш возврати со ри-брејк за 3:2. Сепак, Британецот веднаш ја врати предноста со нов брејк за 4:2, а сетот го затвори со уште еден освоен сервис-гем на противникот за убедливи 6:2.
Во вториот сет, Кларк направи брејк уште на стартот за водство од 2:0, кое бргу го зголеми на 3:0. Иако му беа потребни пет меч-топки за да го затвори сетот, тој остана смирен и триумфираше со 6:3, запечатувајќи ја победата и трофејот.
Ова воедно беше и најкраткиот меч за Кларк на турнирот во Скопје, кој ги доби сите натпревари со 2-0 во сетови. На патот до титулата, тој ги совлада и фаворитите Хуго Делиен (прв носител), Жоел Шварцлер (бранител на титулата) и Педро Качин.
Додека се одигруваше финалето во сингл на Централниот терен, на терен број 5 се играше финалето во конкуренција на двојки. Титулата ја освоија чешките тенисери Ендрју Полсон и Михаел Врбенски, кои со пресврт славеа против Срирам Балаџи и Мигуел Рејес-Варела (Индија/Мексико) со 2-1 во сетови (2:6, 6:4, 10-6). Финалето во двојки траеше 82 минути.
Поради дожд, двата финални меча беа одложени за речиси три часа и се играа на различни терени. Иако дождот повторно се појави кон крајот, не ја спречи успешно да се одржи церемонијата на доделување на медалите.
Виолета Јанчева, Спортска Мрежа