Фудбалерките на Љуботен продолжуваат да испишуваат историја во женскиот фудбал. Со убедлива победа од 3:0 против Тиверија Брера, тетовскиот клуб по третпат во низа го освои Купот на Македонија, а посебно импресивен е патот до титулата, кој го поминаа без да примат ниту еден гол.
Финалето се одигра на еден од терените на ФФМ во Скопје, каде Љуботен уште од првата минута наметна свое темпо и доминираше на теренот. Првата голема шанса ја имаше капитенката Александра Марковска, која ја затресе стативата, а потоа следуваа уште неколку обиди. Сепак, резултатот беше отворен дури во 45. минута, кога нигериската интернационалка Мариан Огочукву Охадиве погоди за водство од 1:0 на полувреме.
Во вториот дел, Охадиве повторно беше прецизна – само пет минути по продолжението зголеми на 2:0, ставајќи сериозен печат на настапот на Љуботен. До крајот, Ева Величковска во 89. минута со прецизен удар ги постави конечните 3:0, со што Љуботен стигна до својата трета последователна Куп-титула.

Но, оваа победа е само кулминација на доминантниот настап на Љуботен низ целата Куп сезона. Тимот од Тетово го започна натпреварувањето со убедлива победа од 21:0 над Порече во осминафиналето. Во четвртфиналето, беа поуспешни од Вардар со 8:0, додека во полуфиналето славеа со 2:0 на гостувањето против Каменица Саса, реприза на минатогодишното финале. Најимпресивен е податокот дека Љуботен ја заврши Куп-сезоната со вкупна гол-разлика од 34:0, што најдобро го отсликува нивното владеење на терените.

Од друга страна, и Тиверија Брера имаше одличен настап во Купот, откако во осминафиналето го победи Билјанини Извори со ист резултат од 21:0, во четвртфиналето го совлада Атлетико со 5:0, а во полуфиналето триумфираше над Скопје со 1:0. Но, во финалето, Љуботен беше подобриот противник и заслужено се закити со нов трофеј.

Тетовки сега се пред нов историски момент – во Првата женска фудбалска лига се блиску до одбрана на шампионската титула, со што би ја заокружиле сезоната со двојна круна.