Младост во претходното коло стигна до првата сезонска победа, но фокусот веќе е ставен на следниот предизвик кој следува. Во рамките на 12. коло на Супер лигата, во Богданци ќе гостува екипата на Бутел.
Победата е многу важна и значајна за тимот на Младост, која доаѓа како ветер во грб за продолжението од првенството.
Стратегот на богданчани, искусниот Горан Андоновски за Спортска Мрежа истакна дека победата над Струга им значи многу, за враќање на самодовербата и психологијата на екипата која, како што вели охридскиот стратег имала доста несреќни и незаслужени порази и нерешени резултати, но во ниту еден момент не се предавале.
„Во последниот период одигравме два одлични натпревари против еден од претендентите за титула Охрид и кандидатот за плеј-оф Струга и покажавме дека местото на Младост е цврсто во Супер лигата. Победата против Струга секако дека многу ни значи не само на резултатски план туку и на враќање на самодовербата и психологијата на екипата која имаше доста несреќни, незаслужени порази и нерешени резултати. Во ниеден момент немаше предавање, се фокусиравме максимално на тренинзите и резултатот е видлив“, изјави тренерот Горан Андоновски за Спортска Мрежа
Победата над Струга веќе е минато, мислите се на следниот неделен предизвик против Бутел. Двете екипи на првото соочување во Скопје ремизираа и ги поделија бодовите.
Како што вели Андоновски очекува салата „Млаз“ да биде полна и одново да имаат силна поддршка како ветер во грб за да се дојде до нова победа особено затоа што во екипата се поголема минутажа и промоција добиваат домашните млади бисери.
„Веќе е заборавена победата против Струга и нашите мисли се целосно се насочени кон следниот противник Бутел составен од неколку искусни играчи Чанески, Ѓорѓиески, Стоилески и младински и кадетски репрезентативци на Македонија. Имаме одредени кадровски проблеми, натпреварите се исцрпувачки, но се надевам дека Богданчани како и секогаш ќе ни бидат ветер во грб и осми играч, особено со тоа што во екипата се поголема минутажа и промоција добиваат домашните млади бисери Ѓуриќ, Каркалашев, Младеноски, Атанасов…“, дополнува Андоновски.
Младост в недела ќе ја бара својата втора сезонска победа и со тоа да направи прогрес на табелата. Триумф за тимот од Богданци ќе значи и седум бода на своето конто, а со тоа ќе го скокне Бутел на табелата, а од друга страна ако Куманово загуби дома од Прилеп, тогаш Младост ќе биде на деветтото место на само бод зад Еурофарм Пелистер 2 кој има тежок меч со шампионот Вардар.