Победата на Младост над Струга доаѓа во вистински момент, минатиот викенд во Богданци се славеше првата сезонска радост, тоа веќе е минато, фокусот е на следниот предизвик против тимот на Бутел, меч со кој започнува вториот круг.
На првото соочување во Скопје меѓу двете екипи немаше победник, „пленот“ го поделија, но сега околностите се такви што само победа им е императив и на две страни.
Младиот ракометар на Младост, Стамен Гогов, за Спортска Мрежа посочи дека победата над Струга е показател оти работат напорно на секој тренинг, дополнувајќи дека на мечот влегле доста мотивирано, а притоа биле фокусирани за да стигнат до триумфот.
„Победата против Струга е показател дека напорно работиме на секој тренинг и дека подготовките пред натпреварот ни се исплатеа. Влеговме мотивирани и фокусирани, го дадовме максимумот и заслужено стигнавме до тие посакувани и важни бодови. Верувам дека од натпревар во натпревар ќе ја подобруваме играта и ќе напредуваме како екипа“, изјави Гогов за Спортска Мрежа.
Следниот меч е исто така важен, затоа како што вели Гогов за Спортска Мрежа максимално сериозно се подготвуваат и добро го анализираат противникот. Вели дека очекуваат брз и неизвесен меч со многу борба особено во одбраната.
„За натпреварот со Бутел се подготвуваме максимално сериозно и добро ги анализираме нивните квалитети. Очекуваме брз и неизвесен натпревар со многу борба, особено во одбраната. Нашата цел е победа, за која ќе мора да бидеме борбени и концентрирани во текот на сите 60 минути. Со полна сала и поддршката од нашата публика верувам дека повторно ќе го израдуваме целиот Југоисток“, дополни младиот ракометар Стамен Гогов во изјава за нашиот медиум.
За мечот со Бутел одново целиот Југоисток се мобилизира, поддршката ќе биде повеќе од добредојдена и потреба, затоа салата „Млаз“ ќе „крца“ до последното седиште.
Натпреварот меѓу Младост и Бутел се игра в недела од 17:30 часот во салата „Млаз“ во Богданци.